Од 13 до 19 април на територијата на Македонија ќе се спроведува засилена сообраќајна контрола на брзината, како дел од европската акција координирана од ROADPOL. Македонската сообраќајна полиција, како членка на оваа мрежа, се приклучува со интензивни активности насочени кон санкционирање и превенција на пречекорувањето на дозволената брзина.
Во рамки на акцијата, на 15 април (среда) од 00:00 часот до 16 април (четврток) до 00:00 часот ќе се реализира 24-часовниот „Маратон на брзина“, при што ќе се вршат непрекинати контроли на патиштата низ целата држава. Оваа координирана активност се спроведува истовремено во повеќе европски земји, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека брзото возење и натаму останува една од водечките причини за сообраќајни незгоди со тешки и смртни последици. Оттаму нагласуваат дека ваквите акции имаат пред сè превентивен карактер.
„Целта не е казнување, туку поттикнување на возачите да ги почитуваат ограничувањата на брзината и да придонесат за побезбеден сообраќај“, се наведува во соопштението.
Како дел од пристапот за зголемување на јавната свест, дел од локациите на кои ќе се вршат контроли се однапред познати за возачите. Надлежните посочуваат дека со ваквиот пристап се влијае врз промената на однесувањето на учесниците во сообраќајот на долг рок.
Акцијата е дел и од пошироките напори за подобрување на безбедноста на патиштата, вклучително и преку имплементација на проектот „Безбеден град“.
Надлежните апелираат до возачите да ја намалат брзината и доследно да ги почитуваат сообраќајните правила, потенцирајќи дека одговорното однесување зад воланот директно придонесува за спасување човечки животи.
Деск

