Општина Штип започна со реализација на проектот за целосна реставрација на тврдината Исар, еден од најпрепознатливите историски симболи во источна Македонија. Проектот е вреден околу 1,4 милиони евра и се финансира преку унгарскиот кредит.
Според најавите од општината, интервенциите ќе опфатат обнова и надградба на старите ѕидини на Исар (Штипската тврдина), кои потекнуваат од средновековниот период, како и реконструкција на кулите на врвот на тврдината. Во рамки на проектот е предвидено вградување на илјадници кубни метри камен со цел враќање на автентичниот изглед на објектот.
Покрај реставраторските зафати, ќе се гради и нов пристапен пат од кејот на Река Брегалница до врвот на Исар, кој ќе биде прилагоден и за возила од типот на автобуси. Дополнително е планирано и уредување на паркинг простор во непосредна близина на тврдината.
Од Општина Штип посочуваат дека со реализацијата на овој проект значително ќе се подобри туристичката понуда на градот, а воедно ќе се заштити и конзервира едно од најзначајните културно-историски наследства во регионот.
Рокот за изведба на работите е околу 18 месеци, а завршувањето на проектот се очекува до 2027 година.
Деск

