Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска во Старата скопска чаршија го означи почетокот на реконструкцијата на улицата „Самарџиска“, истакнувајќи дека проектот претставува значаен чекор во насока на заштита и унапредување на едно од најважните културно-историски јадра во Скопје.
Како што посочи Љутков, Старата скопска чаршија, чии корени датираат од XII век, претставува живо сведоштво за вековната традиција на трговија, занаетчиство и културен соживот, а нејзиното зачувување е од суштинско значење за идните генерации.
Проектот за реконструкција се реализира во соработка помеѓу Министерството за култура и туризам, Владата и Општина Чаир, со цел истовремено зачувување на автентичниот изглед на чаршијата и подобрување на инфраструктурните услови.
Инвестицијата изнесува 28.750.591,44 денари и, како што беше истакнато, претставува јасна потврда дека развојот мора да биде темелен на почитување на историското наследство, но и на негово современо унапредување.
На настанот присуствуваа и вицепремиерот Беким Сали, како и градоначалникот на Општина Чаир Изет Меџити, заедно со претставници на институциите вклучени во проектот.
Со оваа реконструкција, надлежните институции најавуваат продолжување на инвестициите во заштита на културното наследство и унапредување на урбаната инфраструктура во историското јадро на Скопје, со цел создавање на поквалитетен и поавтентичен јавен простор.
Деск

