Речиси да нема човек кого не го насмеала до солзи додека ја гледал на малите екрани или во театар, а сепак таа имала тежок живот, кој на крајот беше обележан со голема трагедија. Катерина Крстева (1941-2023), или Мара Попара според истоимената улога во ,,Кафулето кај Гане”, беше врвна актерка позната по својата извонредна способност да ја насмее публиката и со децении беше симбол на радост и ведрина.
Но, нејзината животна приказна потсетува дека зад сцената не секогаш владее смеа. Како што раскажаа нејзини колеги од театарот, со кои со години го делела секојдневието, таа се омажила во свите 40-ти години за Мишо Ратковиќ, и доцна го добила синот единец Александар. Набргу починал нејзиниот сопруг, па како самохрана мајка се борела за подобар живот на своето дете.

-Го носеше Александар секаде со себе, на проби, на претстави, тој порасна во театарот. Таа многу се мачеше, се пензионираше во време кога пензиите на актерите беа ниски, и со Александар живееја со нејзината скромна пензија од околу 20.000 денари. За да заработи дополнително, додека можеше, одеше низ разни локали заедно со Мешко (Димче Мешковски), имаа скечеви, претстави… Александар еден период се вработи, но тоа не траеше долго. Луѓето не знаат нас, актерите како ликови кои ги развеселуваат, но всушност никој не може да знае каков живот имаме зад сцената, ни раскажаа нејзини колеги.
Она кое сосема ја скршило Катерина, беше ненадејната смрт на синот, кој почина на 36-годишна возраст, во септември 2022 година. Таа почина само по три и пол месеци од неговото заминување, а е погребана покрај него и покрај сопругот Мишо.
В.К.

