Скопје ќе добие финансиска поддршка од 20 милиони евра од Владата за подготовка и реализација на проектот „Европска престолнина на културата 2028“, истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков по денешната средба со претставници од Нова Горица – Горица 2025.
На средбата, министерот Љутков разговараше со градоначалникот на Нова Горица, Само Турел и извршната директорка на проектот GO! 2025, Мија Лорбек, при што биле разменети искуства околу организацијата на Европската престолнина на културата и нејзината европска димензија.
Во фокусот на разговорите биле моделите на управување со вакви големи културни проекти, како и улогата на државните институции во нивната успешна реализација.
Одвоените 20 милиони евра од Владата претставуваат клучна финансиска основа за спроведување на проектот, додека Министерството за култура и туризам ќе биде задолжено за координација на државните институции и реализација на капиталните проекти, меѓу кои се изградбата на Универзалната сала, отворањето на два нови музеи на Калето, конзервацијата на Аквадуктоти адаптацијата на поранешната Шалтер-сала.
Како дел од подготовките за „Скопје 2028“, е формирана и Фондацијата за проектот од страна на Советот на Град Скопје, а во работната група учествуваат и претставници од Министерството за култура и туризам. Неодамна е завршен и првиот меѓународен конкурс за проекти.
Министерот Љутков изрази задоволство од започнатата соработка со тимот на Нова Горица – Горица 2025, нагласувајќи дека размената на искуства ќе биде од особено значење во подготовките на Скопје да ја понесе титулата Европска престолнина на културата 2028.
„Европа е побогата кога културите се поврзуваат и кога градовите си помагаат меѓусебно“, беше истакнато на средбата.
Деск

