Министерот за транспорт Александар Николоски најави значајни инвестиции во модернизација на работењето на Македонска пошта, со цел претпријатието да прерасне во профитабилна и конкурентна компанија.
Според министерот, набавката на 100 нови товарни возила претставува клучен чекор кон подобрување на оперативната ефикасност и нормализирање на функционирањето на поштенските услуги. Тој истакна дека институцијата, која во минатото била запоставена, сега се наоѓа во процес на трансформација.
„Ова е првиот голем чекор кон подигнување на конкурентноста и профитабилноста на Македонска пошта“, изјави Николоски.
Покрај возниот парк, во рамки на инвестицискиот циклус предвидена е и имплементација на нов софтвер, како и набавка на современа сортирна опрема, што треба да придонесе за побрза и поефикасна обработка на пратките.
Министерот нагласи дека со овие мерки се очекува зголемување на профитабилноста за 15 проценти, како и намалување на оперативните трошоци за ист процент.
„Нашата цел е да создадеме модерна, ефикасна и конкурентна државна пошта, која ќе обезбеди квалитетни услуги за граѓаните и бизнис секторот“, посочи Николоски.
Со овие активности, Владата најавува нов пристап во управувањето со јавните претпријатија, насочен кон подобрување на услугите и финансиската одржливост.
Деск

