Новак Ѓоковиќ со години ја покажува својата големина не само на тениските терени, туку и надвор од нив. Тенискиот ас, преку својата фондација и лични донации, во последните години има издвоено значајни финансиски средства за хуманитарни цели, со посебен фокус на деца, образование и здравство.
Една од најголемите и најпознати донации беше во март 2020 година, кога тој заедно со неговата сопруга и „Фондација Новак Ѓоковиќ“ донираа 1.000.000 евра за здравствениот систем во Србија. Средствата беа искористени за набавка на респиратори и медицинска опрема во екот на пандемијата со COVID-19.
Според податоци од фондацијата, вкупната вредност на оваа итна помош за време на пандемијата достигнала околу 1,2 милиони евра, вклучувајќи медицинска опрема и логистичка поддршка за болници.
Покрај здравствениот сектор, Ѓоковиќ преку својата фондација има инвестирано и во образовни проекти. Главниот фокус е на деца од предучилишна возраст (0–6 години), особено во сиромашни и рурални средини во Србија. До денес се финансирани десетици проекти за изградба и реконструкција на градинки, со што се опфатени илјадници деца.
Фондацијата редовно организира и кампањи за собирање средства, каде што Ѓоковиќ често ги дуплира донациите од граѓани и донатори, со цел да се изградат нови предучилишни установи и да се подобри пристапот до образование.
Иако точната вкупна сума на сите негови донации низ годините не е официјално сумирана, познато е дека станува збор за милионски износи во евра, распределени меѓу здравство, детска заштита и образовни програми.
Деск

