Долги години работела како готвачка во угостителскиот бизнис во Лондон, а потоа решила да го усоврши нејзиното омилено печиво кое го правела нејзината баба Славка во Скопје, за време на летните распусти. Денес нејзиниот специјалитет Мистик бурек е познато печиво кое се најде во бројни регионални медиуми, но и во печатеното издание на Гардијан, а зад него стои готвачката со македонско потекло Спасија Динковски.

Таа стана препознатлива во британската гастрономска јавност благодарение на својот проект посветен на бурекот, кој го претвори во вистински кулинарски феномен, а популарноста на нејзината работа доведе и до објавување на кулинарска книга инспирирана од балканската кујна. Книгата ,,Дома” содржи околу 80 рецепти кои комбинираат традиционални вкусови и современ пристап, како и лични приказни поврзани со храната и семејното наследство.
Лондон последниве години станува сè поголема сцена за вкусови од Балканот, а за љубителите на балканската кујна во Лондон започна со работа и ресторанот ,,Дома”, каде Динковски продолжува да ја промовира балканската кујна како богат, разновиден и современ кулинарски идентитет.
Деск

