Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски остро го осуди вооружениот инцидент што се случи во Вашингтон за време на настан со присуство на високи политички и јавни личности, нагласувајќи дека насилството не смее да има место во демократските општества.
„Во демократијата нема простор за насилство“, порача Муцунски, додавајќи дека ваквите настани претставуваат директен удар врз основните вредности на слободата, безбедноста и политичкиот дијалог.
-Ми олесна што претседателот Доналд Трамп, првата дама и другите присутни се безбедни, а на повредениот агент на Тајната служба му посакувам брзо закрепнување, Македонија стои покрај САД во одбраната на демократијата, јавната безбедност и принципите кои ги одржуваат слободните општества силни, објави тој.
Инцидентот, кој предизвика вознемиреност меѓу присутните, заврши без сериозни последици, откако безбедносните служби брзо реагираа и го привеле напаѓачот. Дел од гостите беа евакуирани како превентивна мерка.
Муцунски истакна дека Република Северна Македонија останува цврсто посветена на принципите на демократијата и владеењето на правото, како и на промовирање на мир и стабилност на меѓународната сцена.
Осуди за нападот пристигнаа и од повеќе светски лидери, кои испратија пораки за солидарност и повикаа на зачувување на демократските вредности и институции.
Надлежните американски органи продолжуваат со истрагата за целосно расчистување на случајот.
Деск
МУЦУНСКИ: МИ ОЛЕСНА ШТО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ДОНАЛД ТРАМП, ПРВАТА ДАМА И ДРУГИТЕ ПРИСУТНИ СЕ БЕЗБЕДНИ!
1 Min Read

