Периодов во тек е акција за собирање на парична помош за семејствата на три лица осудени за нападот во Собранието од 27 април 2017 година, кои се уште се во затвор, а истата е во организација на Светски Македонски конгрес – Канада.

Како што објави претседателот на Светски Македонски конгрес – Канада, Боби Темелков, се уште се во затвор Александар Јаневски – Тошта, Оливер Ошавковски и Николче Димитриевски, а средствата биле со цел да им се помогне на нивните семејства кои се соочувале со се поголеми животни трошоци. Отворената сметка на платформата GoFundMe е активна веќе седум години, и во минатото Темелков во повеќе наврати, најчесто пред празници, организираше донаторски акции за помош на блиските на осудените за 27 април.
-Затоа повторно се обраќаме до сите Македонци во татковината и надвор – да покажеме солидарност, човечност и национално единство.
Бараме финансиска помош за семејствата на тројцата уставобранители кои сѐ уште се во затвор.
Секоја донација, без разлика на износот, значи многу. Тоа е помош за храна, сметки, лекови, образование на децата и достоинствен живот за нивните фамилии, објави Темелков.
Исто така, тој потсетува и на петмината осудени, кои во меѓувреме починале и објави детали за нивната судбина по 27 април.
-Јованче Лазаревски – Шиљо (43), учесник во настаните од 27 април 2017 година, беше обвинет дека поставил импровизирана експлозивна направа во Собранието. Во затворот во Шутка помина речиси една година, од 25 мај 2017 до 14 мај 2018 година. Беше неправосилно осуден на 4 години и 9 месеци затвор, но пресудата подоцна беше укината и предметот вратен на повторно судење. Јованче не го дочека повторното судење. По пуштањето во домашен притвор, трагично го загуби животот во тешка сообраќајна несреќа кај Драчево, на 15 мај 2019 година. Тој беше поранешен полицаец.
Стојан Павлевски – Кобра (54) беше осуден за физички напад врз Зијадин Села. Првично му беше определен 30-дневен притвор, а подоцна делото беше преквалификувано од „обид за убиство“ во „насилство“. Во 2019 година Стојан беше претепан од лица кои во јавноста беа поврзувани со лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села. По долго и тешко лекување од здобиените повреди, на 22 јануари 2020 година почина. Напаѓачите, иако познати на полицијата, никогаш не одговараа пред правдата.
Игор Југ (54) беше еден од најпрепознатливите македонски Уставобранители, симбол на непоколебливост, достоинство и љубов кон татковината. За многумина остана човек со патриотски дух, искрен карактер и подготвеност гласно да ги брани своите убедувања. Неговото име остана длабоко поврзано со настаните од 27 април, за кои издржуваше казна затвор. По нарушено здравје и долгогодишна неправда врз него и неговото семејство, беше пуштен на домашно лекување. На 7 февруари 2025 година, на роденденот на својата ќерка, доби масовен срцев удар и почина.
Кире Ѓорѓиевски (47) беше македонски уставобранител осуден за физички напад врз пратеникот Зијадин Села – дело кое до крајот на животот го негираше. Издржуваше затворска казна од 13 години во затворот во Штип. Неговите последни години беа обележани со сериозно нарушено физичко и психичко здравје, кое, според извештаи, се влошило во затворските услови. На 1 ноември 2025 година, на 47-годишна возраст, почина на Кардиологија во Скопје.
Илија Славевски – Иле Црното од Велес беше македонски уставобранител и човек препознатлив по својата искреност, принципиелност и љубов кон татковината. По амнестијата, се посвети на својот син и на работата, положи за возач на камион и работеше чесно и макотрпно. На 31 декември 2025 година ненадејно почина, пишува Темелков, спомнувајќи ги осудените за кои вели дека починале поради неправда и нарушено психичко и физичко здравје.
Тој исто така ја објави хронологијата на осудените, девет години подоцна, во која детално е опишан текот на настаните, односно кој бил амнестиран, кој колку бил осуден, но и кој бил условно пуштен, односно ослободен.
Како што посочува, потребна е правна и морална ревизија, без разлика на тоа кој е на власт.
Деск

