Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави законски измени со кои полициските службеници ќе добијат овластување на лице место да изрекуваат итни мерки за заштита во случаи на семејно насилство.
Со новото решение, полицијата ќе може веднаш да реагира во ситуации на пријавено или затекнато насилство, без да се чека судска или административна постапка. Мерките би можеле да вклучуваат итно отстранување на насилникот од домот, забрана за приближување или контакт со жртвата, како и други мерки со цел обезбедување непосредна заштита.
-Во таа статистика има и 42 убиства, 24 убиства во обид и 192 тешки телесни повреди. Ова не е проблем што е создаден вчера, ова е проблем што со години се таложел во системот што предолго реагирал откако насилството ќе ескалира, наместо тогаш кога првите сигнали јасно покажувале зголемен ризик. Да се затворале овие слабости порано, денес ќе имаше помалку простор жртвата да се изгуби во институционалните лавиринти, кажа Тошковски.
Според најавите, целта на измените е да се зголеми ефикасноста на институционалната реакција и да се спречат ескалации на семејното насилство, кои во некои случаи завршувале со тешки повреди или смртни исходи.
Во образложението се наведува дека досегашните процедури често барале време, што ја намалувало брзината на заштита на жртвите. Со новиот пристап, полицијата би добила клучна улога во првичната и најитна интервенција.
Предложените измени се дел од пошироки напори за унапредување на системот за заштита од семејно насилство и подобра координација меѓу полицијата, социјалните служби и правосудните органи.
Деск
ПОЛИЦИСКИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ ЌЕ БИДАТ ОВЛАСТЕНИ ДА ИЗРЕКУВААТ ИТНИ МЕРКИ ЗА ЗАШТИТА ПРИ СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО, БЕЗ СОГЛАСНОСТ ОД ЖРТВАТА
2 Mins Read

