Кире Костадиновски (24) од Горно Оризари, Битолско, замина на терен во полициска униформа, без да знае дека нема да добие можност да ја прегрне својата најголема радост – сопствениот син. Неговата смрт се случи пред раѓањето на Кристијан, кој никогаш не го запозна својот татко, но растеше со неговото име, чест и храброст.

Трагичната судбина на Кире Костадиновски останува длабоко врежана во сеќавањето на јавноста како симбол на жртвата во конфликтот од 2001 година. Како припадник на безбедносните сили, тој го загуби животот во Масакрот кај Вејце, бранејќи ја државата во еден од најтешките моменти. Кристијан се родил по смртта на неговиот татко, а неговата мајка Соња го одгледала и израснала во човек кој гради успешна спортска кариера.
Тој е ракометен голман, кој со својата игра најавува светла спортска иднина и достоинствено го продолжува наследството на своето семејство.
Иако животот ги раздели уште пред да се сретнат, приказната за Кире и неговиот син останува сведоштво за цената на слободата и за наследството што не се мери само со присуство, туку и со вредностите што се пренесуваат низ генерации.

На денешен ден пред 25 години на планинскиот пат кај селото Вејце на Шар Планина, се случи еден од најтешките и најболни настани во поновата историја на Македонија. Во заседа беше нападната патрола на македонските безбедносни сили, а во жестоката престрелка животот го загубија осуммина припадници кои тој ден биле на должност.
Покрај Кире Костадиновски, загинаа и Роберт Петковски, Игор Костески, Миле Јаневски, Бобан Трајковски, Марјан Божиновски, Илче Стојановски и Бошко Најдовски.
Деск

