Во Охрид од 12 до 14 јуни 2026 година ќе се одржи јубилејното, десетто издание на меѓународниот ИПА Вело викенд, во организација на Интернационална полициска асоцијација (ИПА) – Охрид. Централниот настан ќе биде традиционалната рекреативна велосипедска тура што ќе се реализира на 13 јуни (сабота), на релација Охрид – Струга – Радожда.
Стартот на велосипедската тура е закажан за 08:00 часот од градското пристаниште во Охрид, по што учесниците ќе се движат по охридскиот кеј, низ градските улици и по стариот пат кон Струга, долж брегот на Охридско Езеро. Трасата продолжува низ зелени и атрактивни предели, покрај туристичките капацитети во регионот, сè до Радожда.
Овој настан традиционално се организира од 2016 година и има за цел да ја афирмира идејата за велосипедско поврзување меѓу двата крајезерски града, како и кон туристичките населби во регионот. Организаторите потенцираат дека ваквите иницијативи имаат значајна улога во развојот на туризмот и велосипедизмот, позиционирајќи ги Охрид и Струга како атрактивни вело-дестинации.
Воедно, од ИПА Охрид упатуваат апел до надлежните институции за посериозен пристап кон изградба на современа, функционална и безбедна велосипедска инфраструктура. Тие нагласуваат дека недостатокот на соодветни велосипедски патеки претставува ризик за безбедноста на велосипедистите, кои често се приморани да се движат по коловози заедно со моторни возила.
Организаторите ги повикуваат членовите на ИПА, вело клубовите од земјата и регионот, како и сите љубители на велосипедизмот, да се приклучат на настанот и со масовно учество да испратат силна порака за потребата од развој на велосипедската мрежа во охридско-струшкиот регион. Се очекува настанот да привлече голем број домашни и странски учесници, кои преку заедничкото возење ќе придонесат за промоција на регионот како современа туристичка и рекреативна дестинација.
Деск

