На секој концерт кој го одржал во својата четири-децениска кариера, тој оставал две столчиња, кои секогаш биле празни. Ги чувал за неговите родители, кои ниту еднаш не му дошле на концерт. Вероника Доленц и Јован Балашевиќ биле уверени дека нивниот син Ѓорѓе, и покрај големата популарност која ја доживеал низ цела Југославија како кантавтор, сепак еден ден ќе заврши факултет и ќе има сериозна професија. За своите очекувања од синот раскажале и во нивното единствено интервју, во 1980 година за ТВ Новости, потенцирајќи дека не биле многу возбудени поради тоа што се пробил на естрадата, па се поретко имале можност да го видат во семејниот дом. И покрај нивната голема желба да се стекне со диплома, тој никогаш не завршил факултет.

На денешен ден во 1953 година е роден големиот музичар, поет и режисер Ѓорѓе Балашевиќ, човекот кој со исклучително добрите текстови и носталгични ноти се запиша во историјата на Југославија како еден од најталентираните автори. Во текот на својот живот ретко зборуваше за родителите, а за сестрата Јасна која починала млада, само еднаш прозборе и кажа дека била пет години постара од него и го научила да чита додека бил доста мал. Од интервјуто со неговите родители, за Јасна е познато единствено дека имала ќерка. Мајка му работела како службеничка во Новосадскиот саем, а пак татко му бил претставник на Југословенскиот туристички сојуз и работел во Будимпешта.
Во годините наназад, често пати во медиумите се актуелизираше приказната за тоа дека песната ,,Наопачка бајка” ја посветил на сестра му Јасна, се додека неговата ќерка Јелена за Радио Накси не раскажа дека всушност песната и ја посветил нејзе, откако доживеала тешка сообраќајна несреќа и не се знаело дали ќе преживее.
Балашевиќ почина во 2021 година, по три дена откако бил примен во болница поради пневмонија. Неговите песни останаа евергрини, кои на секое слушање предизвикуваат емоции.
Б.Н.

