Синоќа во Скопје, по пријава на граѓани беше извршена интервенција за заловување на животно во близина на станбена зграда во Козле, за кое првично беше објавено дека е волк. Преплашеното животно беше заловено и сместено во карантин во ЗОО Скопје, а како што појасни Тина Мицковска, вработена во зоолошката која била дел од екипата која учествувала во заловувањето, тоа на себе имало каивче и сиџир и било питомо.

Сепак, по објавата на фотографиите од животното, познавачи на расата Чехословачки волчјак, сметаат дека не се работи за волк, туку за оваа раса на кучиња, која ја има во Македонија, посебно во Скопје и околината, и која е настаната при мешање на волк и Германски овчар.
За ВИКИМЕДИА Мицковска вели дека засега според движењето и однесувањето, животното личи на волк. Но, за да се знае со сигурност, ќе биле извршени лабораториски испитувања на плунка и крв.
-Ќе се изврши анализа на генетски материјал да се знае со сигурност. Она кое е впечатливо, ова животно реагира само ако тропнам со синџирот, што значи дека тој цело време бил врзан со синџир и само тоа го знае од животот, вели Мицковска.
Пронајденото животно останува во зоолошката, и наредниот период ќе биде во карантин под постојан надзор од стручни лица. Од таму посочуваат дека чувањето на диви животни како домашни миленици е забрането и исклучително опасно.
За расата Чехословачки волчјак пак, која е настаната од мешање на волк и Германски овчар, познато е дека физички многу потсетува на волк, а се работи за доста лојални животни, кои се одгледуваат за чување на стада, за потраги, лов и слично. Специфично е што оваа раса не може да лае, туку завива, а според огласи кои се објавуваат на социјалните мрежи, цената им се движи од 700 евра, па нагоре.
Вики Клинчарова

