Најубавите пријателства се раѓаат во најтешките моменти, а приказната за хрватската поп диваТереза Кесовија и тогаш 4-годишната Мирна Лукиќ и нејзината мајка Драгица е од оние приказни кои се прераскажуваат и по 33 години.
За време на војната во Босна, малата Мирна водела битка за својот живот. Есента во 1993 година, животот на малото девојче се гасел во импровизирана болница во Била. Имала тешко белодробно заболување, а како што раскажуваше нејзината мајка за хрватските медиуми, лекарите три дена по ред и прогнозирале дека токму тоа ќе биде нејзиниот последен ден.

-Не ми преостануваше ништо друго, освен да се молам чудо да ја спаси мојата ќерка. И токму тој трет ден, кој според лекарите требаше да и биде последен, во болницата влезе Тереза Кесовија, како дел од хуманитарниот конвој ,,Бјели пут”. Се поздравуваше со ранетите, ги прегрнуваше, така дојде и до нас. Ме праша што се случува, и кажав дека детето ми е болно и му нема спас. Таа веднаш ги крена сите на нозе и ни организираше хеликоптерски превоз до болницата во Сплит. Таму останавме три месеци, а потоа од таму таа се заложи да бидеме пренесени во болницата во Загреб. Тереза се погрижи ништо да не ни недостасува, од најдобра лекарска нега, се до финансиска помош добивме. Никогаш нема да го заборавам летот со хеликоптерот и силната прегратка на Тереза, која рече – На ова девојче ништо не смее да му фали. Бог ни ја испрати кога се молевме за чудо, се сеќава Драгица.
Денес Мирна живее исполнет живот во Загреб. Иако лекарите и кажале дека поради бројните зрачења нема да може да има деца, сепак таа трипати се остварила како мајка. Со Тереза останале во контакт, а потоа таа и станала кума.
–Не добив само кума, туку и пријателка и втора мајка. Тереза заслужено ја носи титулата дива, не само во музиката, туку и во човечноста, раскажа Мирна за хрватските медиуми.
Кесовија пак, неодамна одржа проштален концерт во Сплит, со порака дека сака достоинствено со песна да се збогува со публиката, бидејќи нема да настапува повеќе поради возраста.
Деск

