Повеќе од шест години поминаа од исчезнувањето на Марија Брзакова, настан кој силно ја вознемири јавноста, но до денес, одговор за тоа што се случи со оваа млада жена и мајка – нема. ВИКИМЕДИА потсетува на последниот разговор со Валентина, мајката на Марија, која пред една година, додека беше дојдена од Швајцарија во Македонија, проговори за случувањата кои го промениле животот на нивното семејство од корен, но и јавно побара одговори од сите надлежни инстиитуции.
-Марија во Швајцарија работеше како медицинска сестра во дом за нега на стари лица и беше посветена на работата. Ја почитуваа сите, таа е од оние личности за кои се вели дека имаат уста, а немаат збор, секогаш тивка, разбрана, се си чуваше во себе. Бевме во постојан контакт, додека беа во Швајцарија еднаш неделно јас ја чував нејзината ќеркичка и навидум се беше во ред.
Кога дознавме дека со сопругот решиле да заминат ненадејно во Босилово, и да поминат време таму, веста ни дојде како изненадување. Заминаа во септември 2019 година. Оставија се во Швајцарија, и работата и животот кој го имаа таму, а во Босилово за целото време додека беа таму, не беа во работен однос, со овие зборови ја започна својата исповед Валентина Георгиева, мајка на Марија Брзакова, која исчезна на 18-ти јануари 2020 година во село Босилово, Струмица на 29-годишна возраст.
До денес, не се знае судбината на оваа млада мајка која зад себе ја остави ќеркичката.
Валентина не контактираше телефонски минатата година, со цел да се објави нејзината исповед, но и да се разбудат институциите и конечно да се дознае што се случи со нејзината ќерка. Ни кажа дека од исчезнувањето на ќерката, нејзе и се нарушило здравјето, доживеала и удар, но не можела повеќе да молчи и отворено бара одговори од институциите во Македонија.

-Родителите на сопругот на Марија ја знаеле причината за нивното ненадејно враќање во Македонија, ние ја дознавме последни. Заедно со таткото и со сестрата на Марија решивме да ги изненадиме и дојдовме во Македонија во декември 2019 година. Тоа беше последен пат како ја видовме. Ни кажа дека е бремена, а кога си заминувавме, на испраќање таа плачеше како никогаш досега. Не памтам во целиот мој живот да сум ја видела така силно да плаче, таква тага кај неа не сме забележале никогаш.
Си заминавме, и постојано бевме во телефонски контакт. Некогаш се допишувавме, некогаш разговаравме по телефон. Последниот разговор беше на осми јануари 2020 година, десет дена пред да исчезне. И беше роденден на внукичката, се јавив да честитам и да видам како се. Потоа, од осми јануари, се до моментот кога дознавме дека исчезнала, само се допишувавме, не се слушнавме ниту еднаш во тие десет дена, раскажуваше Валентина.
Кога дознале дека исчезнала, веднаш со таткото на Марија заминале од Швајцарија во Босилово. Тогаш дознале дека Марија и нејзиниот сопруг дошле во Босилово да се средат, бидејќи имале проблеми во бракот, и Марија започнала врска со нејзин колега. Како што вели, најверојатно за да ја тргне од колегата со кого била во врска, сопругот ја донел во Македонија.
-Веста дека детето ми го нема беше голем шок за сите нас. Кога дознавме за врската со колегата, првично помислував дека можеби заминала кај него, но како што одминуваа деновите сфатив дека нешто крајно лошо се има случено, Марија не беше таков човек, да остави дете, да не остави сите со грижи и во неизвесност, тоа не беше својствено за неа. Кротка и мирна, бремена во третиот месец, никогаш не би заминала без збор.
На почеток, полицијата беше растрчана, случајот стигна во медиумите, мислевме дека ќе дознаеме што се случило. Ветувања дека Марија ќе биде пронајдена доаѓаа од сите страни.
Уште тогаш ви изјавив дека ние со сопругот остануваме во Македонија додека не се најде нашата ќерка, но деновите станаа недели, неделите месеци. Еве, месеците станаа и години.
Сопругот на Марија беше повикуван на разговори, беше осомничен, па пуштен бидејќи институциите немале докази, а до нас започнаа да доаѓаат информации за тоа дека таа имала лош брак, недоразбирања, проблеми… Дека всушност Марија беше донесена во Македонија за да се оттргне од лицето со кое имала врска…
Беше тоа во време на ковид пандемијата, во една хаотична ситуација за цел свет, кога не изненади веста дека на први јуни 2020 година сопругот на Марија заедно со внукичката заминал во Швајцарија. Не знаеме како успеал да си оди од Македонија заедно со детето, и се уште немаме одговор од институциите како тој стигна со детето во Швајцарија.
Потоа, ние останавме уште еден месец во Македонија и во јули 2020 година се вративме во Швајцарија. Ја изгубивме Марија, изгубивме многу и во Швајцарија, во смисол – работа, бидејќи бевме отсутни долго време, раскажуваше Валентина.
Бараше одговори од надлежните институции во Македонија, и кажа дека за целото време не добиле одговор ниту на едно прашање. Од мај 2024 година, семејството за првпат ангажирало адвокат.
-Има поминато многу време од настанот, и токму поради тоа има проблеми и со обезбедување на докази. Поднесен е предлогот за изведување на нови докази и постапката е во тек, ни изјави тогаш адвокатката на Георгиеви.

Од Основното јавно обвинителство Струмица пак, уште пред три години информираа дека е отворена предистражна постапка, и истата нема да биде затворена додека не се пронајде Брзакова.
Истакнаа дека се разгледуваат повеќе можности на случајот – дали младата мајка навистина е исчезната, можност од самоповредување или одземање на сопствениот живот, но и насилна смрт. Потврдено било дека младата жена не ја напуштила државата, бидејќи не била регистрирана на ниту еден официјален граничен премин дека излегла.
До денес, официјално не се објавени нови детали во врска со случајот кој ја вознемири целата земја. Што се случи со Марија, која според пријавеното во СВР Струмица, од страна на нејзиниот сопруг, во саботата (18/01/2020) рано наутро го напуштила својот дом, облечена во темни тренерки и влечки или патики, без документи и мобилен телефон кај себе, повеќе од шест години останува енигма.
В.К.

