Актерот Тони Наумовски е добитник на престижната награда „Мето Јовановски“ за 2026 година, која се доделува во рамките на филмскиот фестивал „Across the Lake Balkan and Mediterranean Film Festival“.
Наградата се доделува за исклучителни уметнички достигнувања во филмската уметност, а Наумовски е награден како признание за неговиот долгогодишен и значаен придонес во филмот, телевизијата и театарот. Според организаторите, тој има реализирано повеќе од 80 актерски остварувања во својата кариера, со значајно присуство и на меѓународната сцена.
Посебно беше истакната неговата улога во филмот „Лена и Владимир“, која, како што се наведува, во изминатиот период му донела 14 награди и 14 номинации на филмски фестивали во Европа и Северна и Јужна Америка.
Во своето обраќање по повод наградата, Наумовски изрази благодарност, нагласувајќи дека секое признание претставува дополнителна мотивација и одговорност, особено кога доаѓа од домашна средина. Тој упати и почит кон легендарниот актер Мето Јовановски, чие име го носи наградата, истакнувајќи дека неговото творештво претставува трајна инспирација за актерите во регионот.
Фестивалот „Across the Lake Balkan and Mediterranean Film Festival“ годинава го одржува своето петто издание и ќе се одржи од 8 до 15 јули во Дојран, Струмица и Гевгелија, со фокус на современата филмска продукција од Балканот и Медитеранот.
Next Article ЦЕНИТЕ НА СТАНОВИТЕ ВО СКОПЈЕ СÈ УШТЕ ОДАТ НАГОРЕ

