Советничката од Левица во Советот на Општина Охрид, Виолета Аврамоска, со силна порака до јавноста за потребата од затворање на коцкарниците и обложувалниците, истакнувајќи дека заштитата на младите и семејството мора да биде приоритет пред профитот.
Во својата на социјалните мрежи, Аврамоска потенцира дека не гледа оправдана причина околу 10.000 вработени во овој сектор да останат без работа, посочувајќи дека државата веќе се соочува со недостиг на работна сила. Таа се повикува на изјавите на министерот Александар Николоски, според кои на македонската економија ѝ недостигаат десетици илјади работници.
-Искрено не гледам причина 10.000 вработени во коцкарниците и во обложувалниците да останат без работа.
Според изјавата на министерот Александар Николоски во македонското стопанство има недостиг од работна сила, па поради тоа неопходно е да се увезат 50 000 работници. Наместо работници од увоз, овие вработени нека бидат прераспределини во фабриките. Многу едноставно.
Жално е што заради нечии профити се уништува семејството кое во социјализмот беше дефинирано како основна клетка на општеството, се уништуваат младите и децата. Според некои податоци кои ги прочитав најмладиот зависник од хазард има само 14 години, посочува Аврамоска, оценувајќи дека решението е едноставно и остварливо.
Таа алармира дека последиците од хазардот се сериозни и длабоки, нагласувајќи дека се уништуваат семејства и се создава зависност кај младите. Особено загрижувачки, според неа, се податоците дека зависност од коцкање се јавува и кај малолетници.
-Во име на профитите отворате можности за нови профити, лекување од пороци, меѓу кои лекување од хазард. Дали може да ги лекувате последиците без да ги отстраните причините?
И уште еднаш ќе кажам, ниту еден вработен нема да остане без работа, во фабриките постојано има огласи за работа. Ќе се заангажира Александар Николоски и ќе ги вработи. Така ќе им се олесни работата околу увозот на работна сила, наведува советничката, додавајќи дека не може да се третираат последиците од зависноста ако не се отстранат причините.
Аврамоска е децидна дека затворањето на коцкарниците е неопходен чекор за создавање поздраво општество и заштита на младите генерации. Таа уверува дека со соодветна државна стратегија, ниту еден работник нема да остане без ангажман, туку ќе биде пренасочен таму каде што има реална потреба.
Деск

