-Македонци, јас, Котецу, во првата половина на јуни ќе престојувам во вашата земја и ќе поминувам мирно време на разни места. Ако ме видите покрај езеро или низ некој град, слободно поздравете ме, порача оперскиот пејач од Токио, Казухиро Котецу, кој веќе 14 години е амбасадор на на македонската песна, а во ноември лани, во неговата родна префектура Тотори го одржа првиот концерт со македонски народни песни во Јапонија.
Котецу, кој е познат по својата љубов кон Македонија, најави дека повторно ќе ја посети земјава во првата половина на јуни, испраќајќи топла и непосредна порака до македонските граѓани.
Во своето обраќање, Котецу истакна дека планира да помине мирно време на различни локации низ државата, уживајќи во природата и атмосферата која, како што вели, има посебно место во неговото срце.
Оперскиот уметник веќе подолг период јавно ја изразува својата приврзаност кон Македонија, не криејќи дека токму тука наоѓа инспирација, спокој и искрена човечка топлина. Тој има препеано над 30 македонски познати песни, а вели дека голема желба му е да ја направи Македонија препознатлива и во неговата земја, како по добрата музика, така и по квалитетното македонско вино.
Неговата најава предизвика бројни позитивни реакции на социјалните мрежи, каде граѓаните со нетрпение ја очекуваат можноста за случајна средба со уметникот, кој без формалности ги повикува да му пријдат и да го поздрават.
Посетата на Котецу се доживува како уште една потврда за културната поврзаност меѓу Македонија и Јапонија, но и како редок пример на светски уметник кој со искрена љубов се врзува за една земја и нејзиниот народ.
Б.Н.

