Министерот за здравство Азир Алиу во својата најнова колумна испрати порака дека здравствениот систем мора да се трансформира во модерен, дигитално поврзан и ефикасен сервис кој „памети, поврзува и учи“, ставајќи акцент на дигитализацијата, базите на податоци и подобрата организација на здравствените услуги.
Во колумната, Алиу посочува дека здравството со години се соочувало со недоволна поврзаност меѓу институциите, недостиг на прецизни податоци и системски слабости, поради што граѓаните често биле оставени да се снаоѓаат низ административни процедури и долги чекања. Според него, новиот пристап треба да обезбеди институциите да комуницираат меѓусебно, а системот да функционира врз основа на реални анализи и точни информации.
Тој нагласува дека за првпат се создаваат централизирани бази на податоци за човечки ресурси, инфраструктура и технологии во здравството, што треба да помогне во подобро планирање на кадарот, распределба на ресурсите и оптимизација на услугите низ целата држава.
Во фокусот на реформите, како што наведува министерот, е и дигитализацијата на здравствениот систем преку поврзување на јавните и приватните здравствени установи, унапредување на електронските регистри и модернизација на системот „Мој термин“. Алиу смета дека дигитализацијата не е „технолошки луксуз“, туку предуслов за поефикасно, потранспарентно и поправедно здравство.
Министерот најавува и нов пристап во креирањето здравствени политики, кој ќе се темели на превенција, анализа и долгорочно планирање, наместо на, како што наведува, „пополнување дупки“ и ад-хок решенија. Според Алиу, целта е да се изгради систем што ќе учи од податоците, ќе реагира навреме и ќе ја врати довербата кај пациентите.
Деск

