И двајцата заминале од Македонија во Германија, и се вработиле во иста компанија. Првин таа како возач на трамвај, а по три месеци и тој, како возач на автобус. Се запознале на работа, и им се случила љубов.
Во една необична, но вистинска љубовна приказна што допира до срцето, Македонец и Македонка кои живеат и работат во Германија ја крунисаа својата љубов со уникатно запросување кое брзо стана вирално и ги преплави социјалните мрежи.
Наталија Стојановска (26) од Кочани, која живее во близина на Лајпциг и Методија Костовски (27) од с. Брајчино – Ресен, кој живее во Лајпциг, се актуелна тема деновиве, не само во Македонија, туку и во Германија, каде се случило запросувањето, кога Наталија пристигнала со трамвајот на последната станица, а Методија ја чекал надвор, со балони на кои пишува „Омажи се за мене“, и со истото прашање дигитално испишано на таблата на трамвајот.
-Најубавото прашање и најлесниот одговор – Да, објави младата девојка.
Ова необично запросување, кое ги спои шините и патиштата во една љубовна приказна, уште еднаш покажа дека понекогаш најубавите приказни се случуваат токму меѓу секојдневието и работата.
Деск

