Младите до 23 години кои работат во производствениот сектор ќе добиваат месечен додаток од 3.000 денари, откако Собранието го усвои Законот за младински додаток. Мерката има за цел да го поттикне вработувањето кај младите и да ја зголеми нивната вклученост во домашната индустрија.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, информираше дека финансиската поддршка ќе се исплаќа директно на трансакциските сметки на корисниците преку Агенција за вработување на Република Северна Македонија.
„Со оваа мерка сакаме да ги мотивираме младите да изберат работа во производствени дејности и да обезбедиме нивна поголема економска сигурност“, истакна Дурмиши.
Според законското решение, право на младински додаток ќе имаат лица до 23 години со најмалку средно образование, кои се веќе вработени или допрва ќе се вработат во производствени компании. Воедно, мерката ги опфаќа и младите ангажирани преку агенции за вработување, како и оние кои се самовработени во производствени дејности.
Од надлежните институции најавуваат дека постапката за аплицирање ќе биде поедноставена, а заинтересираните ќе треба да поднесат барање и да достават основни податоци, вклучително и трансакциска сметка.
Законот беше донесен на 102. собраниска седница, а очекувањата се дека ќе придонесе за намалување на невработеноста кај младите и ќе поттикне поголем интерес за стручни занимања и работа во реалниот сектор.
Деск
ЌЕ ГИ МОТИВИРА ЛИ МЛАДИТЕ НОВИОТ ДОДАТОК ОД 3.000 ДЕНАРИ ЗА РАБОТА ВО ПРОИЗВОДСТВО?
1 Min Read

