Дали треба да постои возрасно ограничување за возачите на товарни возила?
Прашањето денес се отвори по тешката сообраќајна несреќа во која учествуваше товарно возило – влекач „ман“ со полуприколка, управувано од 76-годишниот Б.Б. од Косово, кој изгубил контрола над возилото и со него преминал преку металната ограда во спротивната насока на автопатот при што се судрил со патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки. Во несреќата која се случи синоќа на обиколница помеѓу надвозник Визбегово и клучка Мирковци, загинаа сите четворица патници во патничкото возило, односно водечкиот македонски баритон Ристе Велков (51), неговиот син Адам (20), П. М. (20) од Скопје и уште едно лице чиј идентитет засега е непознат.
Управувањето со товарно возило не е исто како возење автомобил – бара брзи реакции, силна концентрација, физичка издржливост и способност за носење одлуки во секунда.
Со возраста, кај многу луѓе природно се намалуваат рефлексите, видот, слухот и способноста за брза проценка на ризик. Европски анализи покажуваат дека стареењето може да влијае врз вниманието, обработката на информации и реакцијата во сложени сообраќајни ситуации.
Во Македонија нема горна старосна граница утврдена со закон, но по одредена возраст возачите мора почесто да обновуваат лекарско уверение за здравствена и психофизичка способност.
Деск

