По неколкугодишно отсуство, Македонија повторно ќе биде дел од најголемата европска музичка сцена – Евровизија. Според најавите од Македонската радио-телевизија, земјава планира да се врати на натпреварот во 2027 година.
Одлуката доаѓа по пауза од пет години, откако последното македонско учество беше во 2022 година. Тогаш земјата ја претставуваше Андреа Коевска со песната „Circles“.
Враќањето на Македонија на Евровизија се поврзува со подобрување на финансиските и организациските услови, како и со обновените разговори меѓу МРТ и European Broadcasting Union, која го организира натпреварот.
Иако засега нема конечна одлука за форматот, односно како ќе се избира претставникот, според новиот директор на МРТ, Зоран Ристоски, завршило времето на нетранспарентен избор на учесниците на Евровизија, а доказ за тоа бил веќе распишаниот јавен оглас за избор на композиција која ќе ја претставува Македонија на Јуниорскиот Евросонг 2026“.
Оваа најава предизвика позитивни реакции кај јавноста, особено кај љубителите на Евровизија, кои со години го очекуваа враќањето на Македонија на сцената што носи глобална видливост и можност за промоција на домашната музика.
Потсетување дека едно од најуспешните македонски учества беше во 2019 година, кога Тамара Тодевска го освои високото седмо место, оставајќи силен впечаток кај европската публика.
Со најавеното враќање, очекувањата се дека Македонија повторно ќе се обиде да остави белег на евровизиската сцена и да донесе нова музичка приказна која ќе ја претстави земјата во најдобро светло.
В.К.
ЗАВРШИЛО ВРЕМЕТО НА НЕТРАНСПАРЕНТЕН ИЗБОР НА ПРЕТСТАВНИЦИ НА ЕВРОВИЗИЈА, НОВИОТ ДИРЕКТОР НА МРТ НАЈАВИ ФЕР ИЗБИРАЊЕ
2 Mins Read

