По тешката сообраќајна несреќа на скопската обиколница во која животот го загубија четири лица, тетовскиот архитект Бошко Видоески отвори серија прашања за безбедноста и соодветноста на поставените заштитни банкини на автопатот.
Во својата анализа која ја објави на социјалните мрежи, тој посочува дека од фотографиите од местото на несреќата се гледа дека разделниот појас меѓу двата коловоза бил заштитен со банкини од тип „N2“, кои, според стандардите, се наменети за задржување на полесни возила и спречување на целосен премин во спротивната сообраќајна лента.
Видоески потсетува дека Македонија го применува европскиот стандард EN 1317 за проектирање и изведба на заштитни системи на патиштата, при што на автопати со висока фреквенција и присуство на товарни возила, според него, треба да се применуваат минимум „H2“ бариери, кои се дизајнирани да издржат удар и од тешки товарни возила.
Според неговите тврдења, во конкретниот случај камионот без значително намалување на брзината ги пробил заштитните банкини и преминал на спротивната коловозна лента, што резултирало со директен судир и пожар. Тој додава дека слични прашања биле отворани и по други тешки сообраќајни несреќи во минатото, односно потсетува дека во несреќата на Дурмо Турс биле пробиени три банкини, а во вчерашната несреќ – две.
Архитектот повикува надлежните институции да спроведат детална проверка на целиот процес – од проектната документација, преку изборот на типот на заштитни бариери, до изведбата и надзорот на терен.
„Неопходно е да се утврди дали инвеститорот правилно ги дефинирал техничките барања, дали проектантите постапиле согласно стандардите, како и дали ревизијата и надзорот реагирале навреме“, се наведува во неговиот став.
Тој оценува дека ваквите случаи отвораат сериозни прашања за синџирот на одговорност во инфраструктурните проекти и потребата од построга контрола за безбедност на патиштата.
Деск
АРХИТЕКТОТ ВИДОЕСКИ ОТВОРИ СЕРИЈА ПРАШАЊА: ДАЛИ БАНКИНИТЕ НА ОБИКОЛНИЦАТА ГИ ИСПОЛНУВАЛЕ БЕЗБЕДНОСНИТЕ НОРМИ?
2 Mins Read
Previous ArticleТРИ ДЕНА ФЕСТИВАЛ ВО РОСОМАН: СТАРТУВА „ПРАСКОБЕР 2026“

