Контролите на Државниот пазарен инспекторат не покажале значителни поскапувања во маркетите низ државата, и покрај зголемените реакции од граѓаните за раст на цените.
Според официјалните информации, инспекторите извршиле надзори во десетина поголеми трговски синџири, при што биле анализирани повеќе од 100 прехранбени и непрехранбени производи. Констатирани биле само минимални корекции на цените кај дел од артиклите, без поголеми отстапувања.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, информираше дека околу 30 инспекциски тимови се ангажирани во вонредни контроли на терен. Првичните резултати, како што посочи, покажуваат и благо намалување на цените кај одредени категории, особено кај овошјето и зеленчукот.
Од Инспекторатот потенцираат дека контролите се насочени кон проверка на трговските маржи, почитувањето на законските одредби и евентуални неправилности како разлики меѓу цените на рафт и на каса. Во дел од случаите биле забележани зголемувања, но тие не ги надминувале ценовните нивоа од периодот пред воведувањето на владините мерки.
Сепак, и покрај ваквите официјални наоди, дел од граѓаните остануваат скептични и посочуваат дека реалните трошоци за живот растат, особено кај основните прехранбени производи.
Деск
НЕМА ГОЛЕМИ ПОСКАПУВАЊА ВО МАРКЕТИТЕ, ОВОШЈЕТО И ЗЕЛЕНЧУКОТ ДУРИ СЕ НАМАЛЕНИ, УТВРДИЛЕ 30 ИНСПЕКЦИСКИ ТИМОВИ
1 Min Read

