-Растев без татко, можеби и поради тоа рано сфатив колку е важно кога некој ќе остане. Не само во големите животни мигови, туку и во оние сосема обичните, како кога ручекот нема да се погоди, кога фрижидерот е попразен отколку што би сакале, или по тешкиот работен ден. Во нашиот дом љубовта се покажуваше најчесто на масата, на начинот на кој се дели последниот колач, во тишината во која двајца јадат уморни, но сепак се спокојни бидејќи стигнале еден до друг после долгиот ден. И тогаш се сфаќа дека домот не е место каде се е совршено, туку каде и несовршениот живот има кому да се врати, раскажува Оливера Балашевиќ, најголемата љубов и животната сопатничка на легендарниот кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ (1953 – 2021).
По подолг молк, таа за српските медиуми раскажа за нивната љубов која траеше четири децении и за тоа како успевале да живеат со разбирање и секогаш да си бидат најголема поддршка.
-Љубовта во младоста изгледа како да заедно ќе го освојувате светот. Подоцна сфаќате дека најважно е тоа што заедно сте можеле да го преживеете секојдневието. Ние со Ѓоле го градевме животот со хумор и верба дека се ќе биде добро. Тој имаше дарба и во најтешките моменти да пронајде причина за да се насмееме. А кога човек може да се насмее и сред грижи, тогаш знае дека грижата веќе ја преболил. Од првите мигови на заедничкиот живот, мој терен беше кујната, а Ѓоле беше тој кој сите тие вкусови знаеше да ги опее. И баш така беше обликуван нашиот свет, помеѓу неговите зборови и моите зачини, во потрага по совршен баланс, поради кој некои љубови никогаш не поминуваат, раскажа Оливера.
Деск

