Министерството за здравство информира дека е во тек процедурата за усвојување на нова Стратегија за сексуално и репродуктивно здравје за периодот 2026–2030 година, придружена со Акциски план за имплементација за 2026–2028 година.
Стратегијата е изработена со поддршка од World Health Organization канцеларијата во Скопје, UNFPA канцеларијата во Скопје, како и МАГО, при што во процесот биле вклучени и граѓански организации, здравствени институции и релевантни министерства.
Како што истакна Нермина Факовиќ, координатор за еднакви можности при Министерството за здравство, документот се темели на мултисекторски пристап, интеграција на јавното здравје со образованието и социјалната заштита, усогласеност со европските политики и Националната програма за усвојување на правото на ЕУ, како и силен фокус на човековите права и еднаков пристап до здравствени услуги.
Стратегијата опфаќа повеќе приоритетни области, меѓу кои планирање на семејството и третман на инфертилитет, безбедно мајчинство и здравје на новороденчиња, сексуално преносливи инфекции и малигни заболувања, сексуално и репродуктивно здравје кај адолесценти, родово-базирано насилство, како и менопауза и други здравствени состојби.
Министерот за здравство Азир Алиу истакна дека во периодот 2026–2030 година се очекува значајно унапредување на пристапот до здравствени услуги, зголемување на јавната свест, јакнење на капацитетите на здравствениот систем, како и подобрување на квалитетот на услугите и управувањето со здравствени податоци.
Од Министерството додаваат дека во процесот на изработка и финализирање на стратегијата се вклучени сите засегнати страни, стручни здруженија, граѓански организации и јавноста, со цел документот да биде сеопфатен и применлив во пракса.
Деск
ЗДРАВСТВЕНИОТ СИСТЕМ СЕ ЈАКНЕ СО НОВИ МЕРКИ ЗА СЕКСУАЛНО И РЕПРОДУКТИВНО ЗДРАВЈЕ
2 Mins Read

