Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) најави оперативни измени во функционирањето на системот за наплата на патарините, кои ќе стапат на сила од 15 јуни. Со новите правила, лентите означени за М-таг ќе бидат наменети исклучиво за корисници со електронски тагови, при што целосно се укинува можноста за плаќање со картички М-кард на овие ленти.
Како што информираат од ЈПДП, возачите кои досега ја користеле опцијата М-кард ќе мора да ја реализираат наплатата на другите достапни ленти на наплатните станици, во согласност со нивната намена.
Од претпријатието упатуваат апел до сите учесници во сообраќајот за строго почитување на вертикалната и хоризонталната сигнализација, како и информативните електронски табли поставени пред и на самите наплатни станици. На нив е јасно означена категоризацијата на лентите според видот на плаќање – електронска наплата со М-таг или готовинско плаќање и М-кард.
ЈПДП дополнително потсетува дека за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот, возачите се должни да го следат и електронскиот статус на лентите, каде што зелената стрелка означува отворена лента, а црвениот икс затворена.
„Непочитувањето на означувањето и намената на лентите може да предизвика застои во сообраќајот, но и да влијае врз безбедноста и ефикасноста на сообраќајот“, соопштуваат од ЈПДП.
Деск

