Првично изречената затворска казна за случај на мачење и убиство на кучето Феликс била преиначена во парична санкција. Станува збор за вознемирувачкиот настан со кучето Феликс, за кој на обвинетиот Љубе Крстевски Кривичниот суд лани во јули му изрече три месеци затвор за кривичното дело убивање и мачење животни. Веста дека Апелација ја прифатила неговата жалба и му ја сменила казната во парична, да плати 90 дневни глоби од по 20 евра или вкупно 1.800 евра, ја објави ТВ Телма.
Се работи за прв ваков случај во земјата кој добил судски епилог со затворска казна, што беше оценето како преседан во постапувањето на судовите кога станува збор за кривични дела против животни. Меѓутоа, како што објави Телма, подоцна судската одлука била изменета, со што казната е заменета со парична, што предизвика јавни реакции.
Оваа промена повторно ја отвори јавната дебата за тоа дали постојните законски одредби доволно строго ги санкционираат делата на насилство врз животни и дали нивната примена обезбедува реална превенција од вакви случаи во иднина.
Организации за заштита на животните и активисти со години реагираат дека потребни се построги казни и доследна примена на законите, нагласувајќи дека секое поблаго санкционирање може да испрати погрешна порака во општеството.
Случајот останува еден од поретките примери во судската пракса што ја отвора темата за односот кон животните и ефективноста на казнената политика во вакви дела.
Како потсетување, на 19 ноември 2024 година, Крстевски, користејќи тврд предмет налик на стап, го удраше во повеќе наврати Феликс во пределот на главата, а вознемирувачкото видео беше објавено на социјалните мрежи. Заедно со другиот обвинет Бранко Билбиловски кој првостепено доби парична казна, го врзале кучето со жица и го влечеле до контејнер, каде што го фрлиле, верувајќи дека е мртво.
Феликс беше спасен и пренесен на лекување, но поради тешките повреди по неколку дена почина.
Деск
ЗАТВОРСКАТА КАЗНА ЗА МАЧЕЊЕ И УБИВАЊЕ НА КУЧЕТО ФЕЛИКС ПРЕИНАЧЕНА ВО ПАРИЧНА: 1.800 ЕВРА, НАМЕСТО 3 МЕСЕЦИ ЗАТВОР!
2 Mins Read
Previous ArticleЈПДП ВОВЕДУВА ПРОМЕНИ: М-ТАГ ЛЕНТИТЕ БЕЗ М-КАРД ПЛАЌАЊЕ

