Валандово синоќа уште еднаш покажа дека македонската народна песна останува жива, моќна и длабоко вкоренета во традицијата. Под отворено небо и пред бројна публика, се одржа предфестивалската вечер на 39. издание на „Фолк Фест Валандово“, која донесе силни емоции, носталгија и заедничко пеење во еден глас.
Вечерта започна со музичко патување низ најпознатите валандовски и македонски хитови, во изведба на Блага Петреска, Мишко Крстевски, Елена Велевска, Христијан Божинов – Кико, Марјан Коцев и Катерина Брезева. Публиката со голем ентузијазам ги следеше изведбите и заедно со артистите ги испеа безвременските песни што со децении се дел од народната музичка меморија.
На сцената се редеа песни кои оставиле силен белег во македонската музичка историја, меѓу кои „Лична Валандовчанка“, „Каде сте, Македончиња“, „Доме мој“, „Едно срце имам душо“, „Ај засвирете млади момчиња“, „Лихнида кајче веслаше“ и многу други, кои предизвикаа силни емоции кај присутните.
Кулминацијата на вечерта беше заедничкото пеење на „Ако одам во Битола“ и „Бисер балкански“, кога целиот плоштад во Валандово одекнуваше во ритамот на македонската песна.
По фестивалскиот дел, вечерта продолжи со концерт на Влатко Миладиновски, придружуван од оркестарот на Златко Миладиновски. Со својата препознатлива енергија и емоција, тој донесе силна концертна атмосфера и ја заокружи предфестивалската програма.
Со оваа вечер, Валандово уште еднаш потврди дека „Фолк Фест Валандово“ и по 39 изданија останува еден од најзначајните чувари на македонската народна песна и традиција.
ВЕЧЕРВА, ВО ЖИВО НА МРТ1 – ГОЛЕМАТА ФЕСТИВАЛСКА ВЕЧЕР НА „ФОЛК ФЕСТ ВАЛАНДОВО 2026“
Валандово вечерва повторно ќе биде центарот на македонската песна, традицијата и музичката емоција.
На големата фестивалска сцена ќе бидат изведени 20 нови композиции, создадени за 39. издание на најреномираниот македонски фестивал за новокомпонирана народна музика.
Преносот е во живо на МРТ1, денес, среда, 27 мај, со почеток во 20.30 часот.
В.К.

