Шпанскиот тенор Хозе Карерас, заедно со македонски музички великани, ќе биде дел од големата прослава по повод одбележувањето на 35 години независност на државата, најави владината портпаролка Марија Митева.
Како што истакна портпаролката на Владата, проектот ораганизиран од Владата заедно со Авалон Продукција, е замислен како свечен културно-уметнички настан кој ќе ја спои македонската музичка сцена со едно од најголемите имиња на светската оперска уметност. Настанот треба да се одржи во Скопје, а ќе биде дел од пошироката програма со која државата ќе го одбележи јубилејот.
Во рамки на прославата се најавува настап на Карерас, како и на повеќе познати македонски изведувачи, кои заедно ќе настапат со придружба на оркестар. Целта, според најавите, е преку музика да се претстави културниот идентитет на државата и да се направи спој меѓу домашната и светската уметност. Од домашните изведувачи ќе настапат Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Игор Дурловски и Ана Дурловски.
Од Владата посочуваат дека активностите за одбележување на 35-годишнината од независноста ќе се реализираат во текот на повеќе недели, со различни културни и свечени настани низ државата.
Прославата е дел од официјалната програма на Владата за одбележување на државниот јубилеј.
Седумдесет и деветгодишниот шпански тенор Хозе Карерас првпат настапи во Македонија во 2005 година, кога беше дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, што претставуваше едно од неговите први појавувања пред македонската публика.
Деск

