-Има дечиња кои никогаш не добиле роденденска торта во својот живот, а секое дете треба да се радува и заслужува торта со свеќички и насмевка на лицето. Запознав деца од социјален ризик кои никогаш не славеле роденден, и правејќи торти за нив, успевам да си ја нахранам душата со добрина – така раскажуваше во постаро интерву Бранкица Миновска (38) од Пробиштип, која и покрај тоа што се бори со мултипла склероза, појаснуваше дека во секојдневната борба со болеста, радоста која со тортите ја предизвикувала кај децата, и носела големо олеснување.

На оваа храбра и хумана жена, мајка на две деца, болеста и била дијагностицирана на нејзини 26 години, и од тогаш животот целосно и се променил, но сепак желбата да биде причина за нечија радост, била посилна од секојдневните здравствени предизвици. На нејзиниот инстаграм-профил „Cake and Pleasure“, таа ја споделува својата мисија, и преку истиот најчесто била контактирана од страна на оние кои познавале дете од социјален ризик, на кое му се наближувал роденден.
Денес се одбележува Светскиот ден на мултипла склероза. Во Македонија има околу 2.500 дијагностицирани пациенти со мултипла склероза, а само во текот на 2025 година биле регистрирани 115 новодијагностицирани пациенти.
Од вечерва па сè до крајот на неделата, објектот на Археолошкиот музеј на Македонија ќе биде целосно осветлен во портокалова боја – официјалниот меѓународен симбол за поддршка на лицата со МС.
Деск

