Македонските граѓани би можеле да добијат можност да користат мобилни услуги во земјите од Европска Унија без дополнителни трошоци од 1 јануари 2027 година, но конечната реализација ќе зависи од одлуките што ќе се донесат во Брисел.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека државата веќе работи на исполнување на сите неопходни услови за приклучување кон европскиот модел „роаминг како дома“, кој им овозможува на корисниците да телефонираат, праќаат пораки и користат интернет во странство по исти цени како дома.
Според него, Македонија е меѓу првите земји во регионот што ги завршуваат законските и техничките подготовки. Измените на Законот за електронски комуникации веќе се доставени до европските институции, каде се очекува нивно усогласување и одобрување.
Андоновски нагласи дека земјата има искуство со регионалниот договор за укинување на роамингот во Западен Балкан, кој веќе функционира, и дека целта е истиот модел да се прошири и со ЕУ.
„Сакаме балканскиот модел да го пресликаме и во односите со Европската Унија, но сега останува политичкиот дел од процесот“, изјави министерот.
Тој додаде дека динамиката ќе зависи од преговорите меѓу Брисел и земјите кандидати, како и од поширокиот политички контекст. За разлика од Македонија, некои земји како Украина и Молдавија побрзо добија пристап до вакви поволности поради специфични околности.
Доколку процесот се одвива според очекувањата, граѓаните би можеле да почувствуваат значително олеснување во комуникацијата при патувања во ЕУ веќе од 2027 година.
Деск

