Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски порача дека Владата останува целосно посветена на зачувување на стабилноста на јавните финансии, истовремено обезбедувајќи средства за економски развој и инвестиции.
Одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието, Јанкуловски истакна дека управувањето со јавниот долг се одвива внимателно, во услови кога државата се соочува со значајни обврски наследени од минатото.
Тој информираше дека минатата година била отплатена еврообврзница во вредност од 500 милиони евра, додека годинава доспева нова од 700 милиони евра, од која половина веќе е сервисирана. Останатиот дел, како што најави, ќе биде исплатен во текот на јуни 2026 година.
Според Јанкуловски, во периодот од 2026 до 2031 година државата треба да сервисира околу 9 милијарди евра по основ на главнина и камата, што бара особено внимателно управување со јавниот долг, кој се движи близу до 60 проценти од бруто-домашниот производ.
Во своето обраќање тој посочи дека во периодот од втората половина на 2024 година до првиот квартал на 2026 година биле обезбедени 1,2 милијарди евра само за отплата на еврообврзници, што претставува дел од вкупните финансиски обврски. Дополнително, Владата обезбедува средства и за други задолжувања, како и за поддршка на економијата и инвестиции во општините.
Јанкуловски направи и споредба со претходниот период, нагласувајќи дека јавниот долг речиси се удвоил – од 4,78 милијарди евра во 2017 година на 8,87 милијарди евра во вториот квартал од 2024 година.
Тој потенцираше дека, за разлика од претходно, сега економијата бележи континуиран раст, со просек од околу 3,5 проценти во последните шест квартали, што, како што рече, придонесува за стабилизирање на односот меѓу јавниот долг и БДП.
„Денес обврските се сервисираат одговорно, а економијата расте со над 3,5 проценти“, истакна Јанкуловски, додавајќи дека ваквиот пристап обезбедува финансиска стабилност и одржлив економски развој.
Деск
Previous ArticleОД БАЈКА ДО ТРАГЕДИЈА: ЖИВОТОТ НА ЗДРАВКО ШКЕНДЕР КАКО ФИЛМ

