Вкупно 92 мотоциклисти биле санкционирани вчера на подрачјето на Скопје поради управување мотоцикл без заштитен шлем (кацига), покажуваат резултатите од засилената сообраќајна контрола што ја спровеле полициските служби.
Акцијата била реализирана во периодот од 13 до 19 часот од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај и Единицата за полициски станици од општа надлежност. При контролата биле изречени вкупно 326 санкции за различни сообраќајни прекршоци.
Освен за возење без кацига, полицијата санкционирала и девет возачи поради управување со несоодветна категорија, четири поради нерегистрирани мотоцикли, шест за поминување на црвено светло и седум за незастанување на даден знак.
Во текот на акцијата било констатирано и едно кривично дело „Безобѕирно управување со моторно возило“ согласно член 297-а од Кривичниот законик. Дополнително, едно возило било привремено одземено поради сомнение за техничка неисправност, односно прекумерна бучава.
Од Министерството за внатрешни работи апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, нагласувајќи дека носењето заштитна кацига е една од клучните мерки за заштита на животот и здравјето на мотоциклистите.
Деск

