Неверојатно сценарио смисли 51-годишникот осомничен дека ја убил својата сопруга, па за да го прикрие делото ја пријавил за исчезната, а потоа на свои пријатели им кажал дека ја видел на сон, и таа му кажала каде се наоѓа, за да наводно ја спаси. На посоченото место, во шумски предел во близина на село Летевци, беше пронајдено телото во распаѓање на убиената жена, а Обвинителството излезе со детали за настанот.
Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 51-годишен маж, за кого постои основано сомнение дека извршил свирепо убиство врз својата сопруга при извршување семејно насилство. Настанот се случил на 25 јуни во атарот на скопското село Летевци. Осомничениот вечерта со автомобил ја зел сопругата од нејзиното работно место, по што ја однел на тешко пристапен терен каде што физички ја нападнал.
„Со дел од неговото тело силно ја притиснал на вратот, а истовремено и ги држел затворени устата и носот за да не може да дише. Жртвата пружала отпор и се бранела, но не успеала да се оттргне, по што се задушила и починала на лице место“, соопшти ОЈО.
Откако ја убил, тој го скрил нејзиното тело под гранки помеѓу дрвја, а веќе следниот ден во полиција пријавил дека неговата сопруга е исчезната.
За да го прикрие злосторството, осомничениот смислил сценарио. На 27 јуни, на тројца свои познаници им кажал дека знае каде се наоѓа жената бидејќи му се појавила во сон и му ја открила локацијата за да ја спаси. Заедно со познаниците се упатил кон местото каде што претходно го оставил телото, а случајот го пријавиле во полиција.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор. Како главни причини за ова барање се наведуваат опасноста од бегство на осомничениот, влијанието врз сведоци и попречување на истрагата, страв од повторување на кривичното дело.
Вчера од Министерството за внатрешни работи сопштија дека е приведен 51-годишен маж со престојувалиште во скопското село Таор, поради сомнеж за убиство на 48-годишна жена со која живееле во иста куќа. Од МВР рекоа дека со С. Г. е извршен службен разговор, а во врска со случајот лишени се од слобода и З. М. (62), Г. Б. (64) и М. Д. (69). Подоцна и од Обвинителството излегоа со детали за смртта на 48-годишната жена чие тело, во фаза на распаѓање, беше пронајдено во саботата.

