Во јуни годинава е постигната највисоката месечна наплата на приходи од основањето на Царинската управа, со вкупно собрани 12,68 милијарди денари, соопшти директорот на институцијата.
Како што истакна директорот Бобан Николовски на прес-конференција организирана по повод двегодишниот отчет од работата на институцијата, ова претставува зголемување од 37,9 милиони евра во однос на истиот месец минатата година, односно раст од 22,5 проценти.
Според податоците, наплатата во јуни го надминала и досегашниот рекорд поставен во јули минатата година, што, како што беше нагласено, претставува историски највисоко месечно остварување.
Од почетокот на годинава, кумулативната наплата е зголемена за 63,3 милиони евра во споредба со истиот период лани.
Николовски оцени дека резултатите се должат на засилените контроли и подобрената наплатна дисциплина, додавајќи дека тие придонесуваат за поодржлив економски раст и стабилни јавни финансии.

