-Васил, постариот син, беше многу болен и не можеше да зборува, но кога ќе ја чуеше на радио ,,Со маки сум се родила,, даваше со раката знак да го исклучиме радиото… Затоа таа песна ми е до денес најважна. Другиот син Зоран, да ми е жив и здрав, ми е радоста во животот, но мајка, може ли да преболи смрт на чедо!? Кога умре син ми престанав сосема да пеам. Еден ден го сонував. Ми вели: ,,Сакам да имам нешто од тебе. Запишани твои песни.” Така, заради него после години повторно запеав и го снимив првиот албум со помош на Мирко Стефановски и мојот сопруг Душко Димитровски, раскажа легендарната Вања Лазарова (1930 – 2017) во интервју од пред 25 години за ,,Старт”.

Жената со неповторлив глас и доајен на македонската народна песна никогаш не запеала во кафеана или на свадба.
-Можеби татко ми беше по тоа прашање престрог, но на некој начин и ми е мило поради тоа. Никогаш не ги запознав свирките во кафеаната, свадбите, крштевките… Сопругот Душко исто така имаше против тоа. Фала му за тоа, зашто не ја изневерив македонската песна, не го изневерив својот народ и можеби најважно, не се изневерив себе си, раскажуваше легендарната пејачка, чиј глас продолжува да инспирира нови генерации музичари и љубители на традиционалната музика.
Со „Танец“ таа ја пропатувала целата планета, пеејќи и пред Черчил и англиската кралица, а пееше и дуети со Никола Бадев, Кирил Манчевски, Симеон Гугуловски…
-Тогаш имаше лепеза од пејачи: Васка Илиева, сестрите Мавровски, Драгица Николова, Блага Видец… Можеше човек да бира кого ќе слуша! Лично, најголема чест ми има направено Мирвет Беловска. Ме сретнува на улица и ми честита за интерпретацијата на ,,Петро, Петролинке”. Тоа беше нејзина песна. Кога ми рече дека многу убаво сум ја испеала, како цел свет да ми го подари. Како сета македонска песна да сум ја заслужила, раскажа Лазарова во интервјуото од 2001 година.

