Светската музичка ѕвезда Рита Ора испрати специјална видео порака до македонската публика во пресрет на нејзиниот голем концерт, кој ќе се одржи на 1 август на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид.
Во своето обраќање, поп-пејачката не ја криеше возбудата што повторно ќе настапи во регионов, истакнувајќи дека овој концерт за неа има и посебна емотивна вредност.
„Превозбудена сум за концертот во Охрид и се радувам што сум толку блиску до дома. На концертот ќе биде моето семејство и пријателите“, порача Рита Ора во видео објавата.
Нејзината порака предизвика бројни позитивни реакции на социјалните мрежи, а очекувањата за концертот дополнително се зголемија. Организаторите најавуваат спектакуларна вечер со современа продукција, моќна сценографија, визуелни ефекти и настап исполнет со енергија, во кој публиката ќе може во живо да ги слушне најголемите хитови на една од најпознатите светски поп-ѕвезди.
Покрај Рита Ора, на сцената ќе настапат и Senidah и македонското хип-хоп дуо 2Bona, што дополнително го прави овој музички настан еден од најочекуваните во регионот ова лето.
Концертот ќе се одржи на 1 август на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид, а интересот за билетите е голем. Организаторите ги повикуваат сите љубители на музиката навреме да го обезбедат своето место за музичкиот спектакл што ќе го одбележи летото.
Видеото со пораката на Рита Ора е достапно на нејзиниот официјален профил на Инстаграм.
Previous ArticleМИЦКОСКИ: ПРВО РЕЗУЛТАТИ, ПОТОА ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА СУДСТВОТО

