Додека таа во болница ја водела најтешката животна битка и се учела повторно да диши и да зборува, за само два месеца нејзиниот татко успеал да и и изгради куќа, сосема прилагодена на нејзините потреби. Заедно со нејзиниот сопруг не размислувале за терапиите, туку гледале како да го прилагодат просторот во кој таа ќе може да функционира кога ќе се врати од болница, и да можат да и го олеснат секојдневието.
Животот си поиграл со младата Марија Милошевиќ од Смедерево, кога нејзиното патување во Тунис, заедно со сопругот пред 12 години, наместо убаво искуство, се претворило во кошмар. На вториот ден од патувањето додека биле на групна обиколка во Сахара, нивното возило учествувало во сообраќајна несреќа, а Марија завршила со тешки повреди на вратните пршлени и останала трајно неподвижна.
Како квадриплегичар, таа завршила на долга рехабилитација и на почеток не била ниту свесна дека никогаш повеќе нема да може да застане на нозе.

-Од Тунис ме префрлија во Белград, и со месеци бев приклучена на респиратор. Се учев да дишам, да седам и да ја држам главата. Првин бев во шок и неверување, а потоа дојде депресијата. Татко ми и мојот сопруг Иван секојдневно доаѓаа во болницата, и додека јас се обидував да прифатам што ми се случи, тие ги решавале сите практични работи. Кога излегов од болница, сфатив дека татко ми во рекордно време ја изградил куќата сосема прилагодена на моите потреби, со цел да имам сигурност и да ми биде подобро во функционирањето. Денес, по 12 години од несреќата, јас имам нов живот, ја прифатив реалноста и знам дека не можам да го променам она кое се случи, но се трудам да најдам убавина во животот. Работам како преведувач и користам гласовни команди на компјутерот, се трудам да останам активна колку што ми дозволува здравјето, вели Марија за српската емисија Е-клиника.
Додава дека иако е неподвижна од вратот надоле, сепак не се предавала и создавала нови спомени, со огромна поддршка од сопругот и таткото, и со порака дека не се откажува од животот.

