Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска се огласи по реакциите во јавноста за печатната грешка на новиот знак „Добредојде во Скопје“, оценувајќи дека станува збор за помал пропуст кој веднаш бил отстранет.
„Кој работи и греши, а ме радува кога најголемиот проблем во Скопје е печатена грешка“, порача Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочи дека градската администрација е насочена кон решавање на реалните проблеми на граѓаните и дека, според него, веќе нема заборавени населби и маала.
„Јас и мојот тим го слушаме гласот на граѓаните и ги решаваме нивните проблеми“, напиша градоначалникот, додавајќи дека работат посветено и чесно во служба на скопјани.
Ѓорѓиевски упати критики кон опозицијата, обвинувајќи ја дека наместо со сериозни теми се занимава со, како што наведе, ниски политички напади.
Во реакцијата тој потсети и дека стариот знак „Добредојде во Скопје“ со години бил во лоша состојба, без да биде заменет.
Од Град Скопје информираат дека печатната грешка на новиот знак е веќе исправена, а корекцијата нема да го оптовари градскиот буџет. Според Ѓорѓиевски, трошоците ќе ги покрие компанијата изработувач која го поставила знакот преку ЈП „Улици и патишта“.
„Ако нашиот најголем грев е печатена грешка, тогаш сме на одличен пат“, порача градоначалникот.
АКО НАЈГОЛЕМ ПРОБЛЕМ Е ПЕЧАТНА ГРЕШКА, ТОГАШ СМЕ НА ОДЛИЧЕН ПАТ, ПОРAЧА ЃОРЃИЕВСКИ
1 Min Read

