Владата соопшти дека е во постојана координација со сите надлежни институции во врска со состојбата со водоснабдувањето во Гостивар и дека внимателно го следи развојот на настаните.
Како интервентна мерка, Владата донела одлука од денес и во наредните неколку дена да обезбедува по 50.000 литри бесплатна вода за пиење дневно за граѓаните на Гостивар. Целта, како што наведуваат од Владата, е да се обезбедат основните потреби на населението додека се во сила мерките и препораките на надлежните институции.
Дистрибуцијата на водата ќе се спроведува преку Службата за општи и заеднички работи на Владата на седум локации во градот: Водостопанство – Гостивар, градинката „Пролет“, Средното економско училиште, подружницата „Шар“ на ЈП Национални шуми, подружницата на АД ЕСМ кај гаражите (питарница), паркингот на Општата болница „Ферид Мурад“ и Територијалната противпожарна единица.
Од Владата информираат дека паралелно продолжуваат интензивните контроли, лабораториските анализи и истражните дејствија за утврдување на причините за настанатата состојба со водоснабдувањето.
„Очекуваме целосно расчистување на случајот, а секој што ќе има утврдена одговорност ќе сноси одговорност согласно закон“, наведуваат од Владата.
Воедно, институциите апелираат граѓаните да ги почитуваат препораките на надлежните органи и информациите да ги следат исклучиво преку официјалните канали, со цел навремено и точно информирање.
Според Владата, заштитата на здравјето на граѓаните, брзата институционална реакција и нормализирањето на состојбата остануваат приоритет, а поддршката за граѓаните ќе продолжи сè додека не се воспостави редовно водоснабдување и не завршат сите предвидени мерки.
ВЛАДАТА ЌЕ ОБЕЗБЕДИ ПО 50.000 ЛИТРИ БЕСПЛАТНА ВОДА ДНЕВНО ЗА ГРАЃАНИТЕ НА ГОСТИВАР
2 Mins Read

