Културно-информативниот центар на Македонија во Белград годинава ќе им оддаде почит на три истакнати македонски музички уметници – Нина Спирова, Маја Оџаклиевска и Бети Ѓорѓевиќ, преку циклусот музички настани „Портрети“, посветен на личности кои оставиле силен печат на македонската и српската музичка и културна сцена.
Проектот има за цел да ги афирмира творештвото и животниот пат на македонските уметници кои живееле, работеле и создале трајни вредности во Белград и Србија, продолжувајќи ја традицијата започната минатата година со успешниот музички портрет на Зафир Хаџиманов, на кој настапија Бисера Велетанлиќ и Васил Хаџиманов.
Циклусот ќе започне вечерва во 20:30 часот со музички портрет посветен на легендарната Нина Спирова (1938–2020), една од најзначајните македонски интерпретаторки, чии изведби на забавни мелодии и традиционални македонски песни остануваат дел од музичкото наследство на Македонија.
Во продолжение на проектот, КИЦ Белград ќе организира музички вечери посветени и на Маја Оџаклиевска и Бети Ѓорѓевиќ – две уметници кои со своите препознатливи гласови, богати кариери и бројни музички успеси оставија длабока трага на регионалната музичка сцена.
Со проектот „Портрети“, КИЦ Белград ја продолжува својата мисија за зачувување и промоција на македонското културно наследство, оддавајќи признание на уметниците чие творештво ги поврзува Македонија и Србија низ децении.
КИЦ БЕЛГРАД ГИ СЛАВИ МАКЕДОНСКИТЕ МУЗИЧКИ ВЕЛИКАНКИ: НИНА СПИРОВА, МАЈА ОЏАКЛИЕВСКА И БЕТИ ЃОРЃЕВИЌ
1 Min Read

