Премиерот Христијан Мицкоски упати остри критики кон опозицијата, оценувајќи дека нејзините тврдења за мигрантска криза во земјава не се оствариле.
„Опозицијата нѐ убедуваше дека во април мигранти ќе шетаат низ Македонија. Еве, јули завршува, немаме мигранти“, изјави Мицкоски.
Тој оцени дека опозицијата ќе продолжи со, како што рече, „фолклор“ и „естрада“ во политичкото делување до следните избори, изразувајќи уверување дека граѓаните повторно ќе ја поддржат Владата.
-Платите ќе се зголемуваат во рамките на колективните договори, во рамките на законот и пензиите. Сите обврски ќе се исплаќаат онака како што е предвидено со Буџетот. Реализацијата на капиталните инвестиции, исто така е согласно планот. Знаете опозицијата нѐ убедуваше дека мигранти во април ќе шетаат низ Македонија, еве го јули завршува, немаме мигранти. Повторно на нивна штета, а за доброто на граѓаните и така натаму. Ќе мораме тој фолклор и таа естрада да ја слушаме од опозицијата до следните избори, кога народот повторно ќе ги порази. И ова, конечно естрадно друштво коешто е лидерство во опозицијата, претпоставувам ќе замине од политичката сцена и ќе дојдат луѓе коишто ќе направат една конструктивна структура којашто ќе се грижи за националните интереси. Ќе работи со Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на градење на национални ставови од опозиција, кажа Мицкоски.
Мицкоски истакна дека очекува по следните избори во опозицијата да дојдат нови луѓе кои, според него, ќе водат поконструктивна политика и ќе работат со Владата на прашања од национален интерес.
Осврнувајќи се на работата на Владата, премиерот изрази уверување дека резултатите од спроведените политики допрва ќе бидат видливи.
„Очекувам дека годините коишто се добри и кога ќе ги почувствуваме сите овие резултати, допрва доаѓаат“, порача Мицкоски.

