Претседателката на Република Индија, Друпади Мурму, која синоќа пристигна во официјална посета на Македонија, зад себе има една од најпотресните животни приказни меѓу актуелните светски лидери.
На Меѓународниот аеродром во Скопје ја пречека министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. Во рамките на посетата се предвидени повеќе средби и активности на највисоко ниво, при што се очекува да бидат потврдени одличните билатерални односи и да се даде нов поттик за натамошно унапредување на политичката, економската и севкупната соработка меѓу Северна Македонија и Индија.
Но, покрај тоа што е првата претседателка на Индија која потекнува од домородната заедница Сантал и најмладата личност што ја извршувала оваа функција, животот на Друпади Мурму е обележан со серија тешки лични загуби.
Во период од само шест години, таа останала без речиси целото најблиско семејство. Во 2009 година ненадејно починал нејзиниот постар син Лакшман, на само 25-годишна возраст. Според индиските медиуми, точната причина никогаш не била целосно разјаснета.
Само четири години подоцна, во 2013 година, во сообраќајна несреќа починал нејзиниот помлад син Биринчи, кој имал 28 години. Со тоа, Мурму за краток период ги загубила и двата сина – трагедија за која подоцна ќе каже дека ја оставила во состојба на длабока болка и безнадежност.
Следувале уште две тешки загуби. Во 2014 година починала нејзината мајка, а во 2015 година и нејзиниот сопруг Шјам Чаран Мурму, банкар по професија, со кого била во брак повеќе од три децении. Така, за помалку од седум години останала без двата сина, сопругот и мајката.
Во интервјуа Мурму открива дека по овие трагедии размислувала целосно да се повлече од јавниот живот, но спас пронашла во духовноста и медитацијата. Како долгогодишен следбеник на организацијата „Брахма Кумарис“, таа вели дека токму духовната практика ѝ помогнала повторно да најде сила и смисла, по што се вратила на политичката сцена.
Нејзината истрајност кулминираше во 2022 година, кога беше избрана за претседателка на Индија – најголемата демократија во светот и најнаселената држава на планетата. Денес, нејзината животна приказна често се наведува како пример за тоа како човек може да се издигне и по најтешките лични искушенија.
Посетата на Друпади Мурму на Македонија се оценува како значаен дипломатски настан, кој отвора можности за продлабочување на соработката меѓу двете земји, особено во областите на економијата, трговијата, инвестициите, образованието, информатичките технологии и културната размена.
ГИ ЗАГУБИ СОПРУГОТ, ДВАТА СИНА И МАЈКАТА, А ДЕНЕС ЈА ВОДИ ИНДИЈА – ДРУПАДИ МУРМУ ПРИСТИГНА ВО МАКЕДОНИЈА
2 Mins Read

