Вкупно 2.946 граѓани досега побарале медицинска помош поради гастроинтестинални симптоми во Гостивар, покажуваат најновите податоци на здравствените власти.
Од вкупниот број, 1.554 пациенти биле евидентирани во Општата болница Гостивар, додека 1.392 пациенти во Здравствениот дом Гостивар.
Во последното деноноќие е забележано намалување на бројот на новопрегледани лица. Биле прегледани 59 пациенти, од кои 37 во Општата болница и 22 во Здравствениот дом, што е намалување во однос на претходниот период кога биле регистрирани 139 новопрегледани пациенти – 73 во Општата болница и 66 во Здравствениот дом.
Четирите лица кои беа хоспитализирани веќе се пуштени на домашно лекување.
Министерството за здравство потсетува дека клиничката слика кај најголемиот број пациенти е лесна, а состојбата кај граѓаните се следи од страна на здравствените служби.
Во тек е епидемиолошката истрага. Досега се доставени 140 формални пријави, кои ги обработуваат епидемиолошките тимови на Центарот за јавно здравје – Тетово и Институтот за јавно здравје. Дополнително, спроведени се 81 епидемиолошки анкети со цел да се утврдат можните причини и изворот на појавата.
Надлежните институции продолжуваат со следење на состојбата на терен и со лабораториски анализи, а јавноста ќе биде информирана за новите сознанија.

