Царинската управа најави дека во наредниот период ќе спроведува засилени теренски контроли на пловните објекти што се користат на Охридското Езеро, со цел проверка на нивниот царински статус и почитувањето на законските обврски.
Контролите ќе ги реализира Одделението за оперативни работи при Секторот за контрола и истраги, а ќе бидат насочени кон утврдување дали пловилата се увезени и користени согласно важечките царински прописи.
Од Царинската управа ги повикуваат сите сопственици и корисници на пловни објекти за кои не е спроведена соодветна царинска постапка, навремено да го регулираат нивниот статус.
„Сите пловни објекти кои при контрола ќе бидат затекнати со нерегулиран царински статус ќе бидат предмет на соодветна законска постапка, при што ќе бидат преземени мерки за утврдување на обврските и привремено задржување на пловилата до нивно целосно исполнување согласно законските овластувања“, информираат од Царинската управа.
Предмет на контрола ќе бидат и пловните објекти во сопственост на нерезиденти кои се внесени во државата со дозвола за привремен увоз. Од Управата потсетуваат дека по истекот на дозволениот период тие мора да го напуштат царинското подрачје или за нив да биде спроведена соодветна царинска постапка.
Во рамки на контролите ќе се проверува и дали пловилата ги управуваат лица кои имаат законско право на тоа, особено во случаите на пловни објекти внесени со режим на привремен увоз.
Од Царинската управа нагласуваат дека активностите се дел од редовните контроли за обезбедување доследна примена на прописите за привремен престој и користење на странски пловни средства и ги повикуваат граѓаните и странските државјани навремено да го усогласат статусот на своите пловни објекти за да избегнат законски последици.

