Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе 70 вонредни инспекциски контроли кај оператори со храна во гостиварскиот регион, при што се изречени 30 парични казни и 12 забрани за вршење дејност.
Контролите биле насочени кон проверка на почитувањето на мерките поврзани со забраната за користење вода од градскиот водоводен систем, како и на безбедноста на храната која се става во промет. Инспекциски надзори биле извршени во маркети, угостителски објекти, пекарници, слаткарници, сендвичарници, месарници и други објекти за производство и продажба на храна.
Од спроведените проверки, АХВ утврдила повеќе неправилности, поради што се изречени глоби во вкупен износ од 7.750 евра во денарска противвредност. Дополнително, на 12 оператори им е изречена мерка забрана за вршење дејност.
Инспекторите кај два оператори утврдиле присуство на небезбедна храна, по што производите биле повлечени од продажба и уништени. Станува збор за околу 18 килограми производи, меѓу кои виршли, јогурт, кисело млеко, слајс салама и путер.
При контролите било констатирано и дека 11 правни лица не биле регистрирани како оператори со храна во Агенцијата за храна и ветеринарство. За нив биле преземени соодветни мерки, вклучително и привремена забрана за работа до исполнување на законските услови за регистрација.
Од АХВ информираат дека контролите ќе продолжат и апелираат до операторите со храна доследно да ги почитуваат законските обврски, а граѓаните да ја почитуваат забраната за користење вода од гостиварскиот водоводен систем сè до официјална потврда дека таа е безбедна за употреба.
7.750 ЕВРА КАЗНИ ЗА ОПЕРАТОРИ СО ХРАНА ВО ГОСТИВАРСКО, 12 ОБЈЕКТИ СО ЗАБРАНА ЗА РАБОТА
2 Mins Read

